Ако Украина не успее Путин ќе продолжи и понатаму, изјави синоќа Чак Шумер, лидер на мнозинството во Сенатот пред да закаже гласање во Горниот дом на американскиот Конгрес по повикот на претседателот Џо Бајден за помошта за Украина и Израел во висина од 106 милијарди долари.
Сепак, демократите се очекува да изгубат, со оглед на тоа што републиканците бараат одобрувањето на помошта за Украина да се поврзе со силно зацврстување на граничната контрола и запирање на нелегалната имиграција на јужната граница.
Тие исто така бараат помошта за Украина и Израел да не биде во еден пакет туку да се раздвои. За гласање закон потребни се 60 гласови од вкупно 101 сенатор, a демократите имаат 51 претставник.
Итноста од гласањето на пакетот го истакнаа и од Белата куќа од каде вчера испратија предупредување до конгресмените дека е дојдено време да се одобри повеќе помош, во спротивно териториите освоени од Русија што Киев си ги врати назад може да бидат ставени под ризик ако парите не стигнат навреме.
Во писмото напишано од Шаланда Јунг, шеф за буџет во Белата куќа, се предупредува дека неактивноста околу новиот пакет помош пред крајот на годината е закана „Украина да падне на колена на военото поле“.
-Да биде јасно, без акција од Конгресот до крајот на годината ќе ги исцрпиме ресурсите за набавка на повеќе оружје и опрема за Украина и за обезбедување опрема за резервите на САД, се вели во писмото на Јунг.
Таа истакнува дека администрацијата нема „волшебно стапче за можност да финансира во дадениот момент – немаме пари и времето речиси истече“.
Писмо со иста содржина било испратено и до спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, малцинскиот лидер на домот Хаким Џефрис, лидерот на мнозинството во Сенатот Шумер и лидерот на малцинство, Мич Меконел.
Шумер ја запре неактивноста на законодавниот дом на САД и закажа гласање за утре, со надеж дека и да не помине, „тоа ќе ги направи двете страни да станат посериозни за договор“.