Воената хунта во Нигер се откажа од двата клучни воени договори што западноафриканската земја ги потпиша со Европската унија за борба против екстремистичкото насилство во регионот Сахел, а воените лидери разговараа со делегација на Русија за безбедносна соработка.
Пред државниот удар со кој беше соборен претседателот Мохамед Базум на крајот на јули, Нигер беше последниот голем безбедносен партнер на Западот и Европа во Сахел, огромен регион јужно од Сахара, кој исламските екстремистички групи го претворија во жариште на општ терор.
Министерството за надворешни работи на Нигер соопшти дека Владата одлучила да ги „повлече привилегиите и имунитетите доделени“ на Мисијата за воено партнерство на ЕУ во Нигер, основана во февруари, и оти „нема законска обврска“ во врска со тоа партнерство.
Хунтата, исто така, ги прекина односите со Мисијата на ЕУ за градење цивилни капацитети, која беше формирана во 2012 година за да го зајакне внатрешниот безбедносен сектор на Нигер.
Политичкото несогласување меѓу Нигер и ЕУ расте по јулскиот пуч.
Нигер вчера ја посети државна делегација на Русија предводена од заменик министерот за одбрана Лунус-Бек Евкуров и се сретна со лидерот на хунтата, генерал Абдурахман Чијани и со државниот министер за одбрана Салифу Моди.
– Разговорите беа фокусирани на зајакнувањето на соработката меѓу двете земји во областа на одбраната, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Нигер по серијата средби.
Повеќето од надворешните економски и безбедносни сојузници на Нигер воведоа санкции против земјата како средство за притисок врз пучистите да ја вратат избраната власт.
Меѓу тие земји е и Франција, која имаше 1. 500 војници во Нигер, а сите беа „замолени да си заминат“.
Аналитичарите истакнуваат дека регионалните и меѓународните санкции навистина извршиле притисок врз Нигер, но и ги охрабриле пучистите да бараат нови партнерства.