Како одговор на група членови на Европскиот парламент, Европската медицинска агенција ЕМА потврди дека нема докази дека вакцината против Ковид може да го намали или спречи преносот на вирусот.
Група парламентарци на ЕУ претходно побараа од ЕМА да разјасни голем број аспекти поврзани со одобрувањето за употреба на вакцини против Ковид 19. Најважниот е поврзан со влијанието на вакцината врз пренесувањето на вирусот.
„Вакцините против Ковид 19 не се одобрени за да се спречи преносот од едно на друго лице. Индикациите служат само за заштита на вакцинираниот“, одговорија од ЕМА.
Во извештајот се објаснува дека за време на процесот на лиценцирање, производителите на вакцини никогаш не дале податоци кои покажуваат дека вакцините ја намалуваат веројатноста за пренесување на вирусот. Стерилен имунитет, кој би бил потребен за заштита од инфекции и понатамошно пренесување на вирусот, не постои.
Истото денес го тврди и германскиот владин институт „Роберт Кох“: „Нема податоци за заштита од пренос (со вакцинација). Најсигурната заштита од пренесување на вирусот на други е затоа сепак примарното избегнување на инфекција“, пренесува Дојче веле.
Воведувањето на масовна вакцинација во време на пандемијата беше проследено со јавна кампања на германската влада, која се базираше на аргументот дека оние кои не се вакцинираат ги загрозуваат другите. Поради тоа од „солидарност“ беше побарано од граѓаните да се вакцинираат.
Притоа, граѓаните беа под огромен притисок да се вакцинираат, а дел од тој притисок беше и поставувањето на разни пречки за невакцинираните во секојдневниот живот. За прв пат во историјата, многу луѓе отишле да ја примат вакцината првенствено за да можат да патуваат, да присуствуваат на културни настани или дури да одат на работа.