Шест спринт трки ќе се одржат следната година во Формула 1 шампионатот. Австрија и Бразил ќе организираат спринт трки по трет пат, Остин и Катар по втор пат, додека спринт трки првпат ќе се одржат во Кина и Мајами.
„Воодушевен сум што можам да најавам шест возбудливи места за спринт трки, вклучително и два нови домаќини, Кина и Мајами, кои ќе бидат фантастични дополнувања и ќе обезбедат одлично тркање за нашите навивачи. Од своето основање, спринтот е конзистентен во донесувањето на поголема гледаност, повеќе забава и зголемен ангажман на навивачите низ социјалните и дигиталните платформи, а ние со нетрпение ги очекуваме возбудливите настани следната година“, рече претседателот на Формула 1, Стефано Доменикали.
Спринт трките беа воведени во 2021 година за да се зголеми гледаноста за време на тркачкиот викенд. Трките се долги 100 километри, а првите осум возачи освојуваат бодови.
Некои возачи и тимови се пожалија на форматот, па во тек се преговори за можни промени во распоредот и форматот на спринтот, а конечниот предлог треба да биде доставен на следниот состанок на Формула 1 Комисијата кон средината на јануари.
Како што објави Скај, една од веројатните промени ќе биде времето на квалификациите за спринт, кое ќе биде поместено за петок, а самата трка и квалификациите за неделната Формула 1 трка ќе се одржат во сабота.
Трката во Кина се враќа на календарот за првпат од почетокот на пандемијата на корона вирусот, а тркачкиот викенд, кој вклучува и спринт трка, е закажан за 19-21 април. Трката во Мајами се вози од 3 до 5 мај, а во Австрија од 28 до 30 јуни.
Во вториот дел од сезоната ќе се одржат три спринта, како и оваа година, во Остин за Големата награда на САД од 18 до 20 октомври, во Сао Паоло од 1 до 3 ноември и во Катар од 29 до 1 декември.
Новата сезона во Формула 1 шампионатот започнува на 2 март со Големата награда на Бахреин.