МОН: Училиштето на Вања ќе продолжи со психолошка поддршка за учениците

Министерството за образование и наука (МОН) изразува длабоко сочувство до семејството и блиските на трагично починатата Вања. Невино дете, кое наместо да му се радува на животот, не по своја волја и вина, замина во вечноста, испраќајќи порака дека општеството и граѓаните мора повеќе да ги прифаќаат и да ги шират вистинските вредности за мир, толеранција, почитување и ненасилно однесување, се наведува во денешното соопштение на МОН.

– Сочувство, но и јавна благодарност изразуваме до раководството и наставниот кадар во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ за високата посветеност и одговорност во работењето, кои воедно реагираа брзо и го алармираа семејството на ученичката за нејзиното отсуство од наставата, се додава во соопштението.

Дополнително и по трагичниот настан, како што велат од МОН, училиштето останува добро организирано, обезбедувајќи ја целокупната психолошка поддршка за сите ученици, со цел зачувување на менталното здравје и справување со трауматските последици од целата ситуација.

– Министерството е во постојана комуникација со училиштето и предложивме поддршка во делот на ангажирање дополнителен кадар, составен од педагози и психолози, кои ќе им бидат на располагање на учениците во периодот што следи. Во меѓувреме, сите заедно да се заложиме вакви настани да не се повторуваат. Да бидеме подобри луѓе. Одговорноста е заедничка. Почивај во мир, драга Вања, пишува во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави