Њујоршката агенција за кредитен рејтинг Мудис денеска ја намали кредитната перспектива на Кина од стабилна на негативна, наведувајќи ги ризиците од забавување на среднорочниот економски раст и влијанието на кризата во кинескиот сектор на недвижности.
Кинеската влада и државните компании најверојатно ќе обезбедат финансиска поддршка за помалку развиените региони во земјата, што, според њујоршката агенција, „претставува голем ризик што може да ја намали фискалната, економската и институционалната сила на Кина“, според изјавата на агенцијата, пренесува Фајненшл Тајмс (ФТ).
Во исто време, Мудис го потврди тековниот кредитен рејтинг на Кина на ниво А1 и очекува кинеската економија да порасне за четири отсто во 2024 и 2025 година. Кинеското Министерство за финансии соопшти дека е „разочарано“ од одлуката на агенцијата за рејтинг.
„Макро економијата на Кина продолжува да закрепнува, а висококвалитетниот развој постојано напредува. Мудис не треба да се грижи за изгледите за економски раст на Кина и за фискалната одржливост“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за финансии.