Со капитални дотации од Министерството за култура во износ од 5,3 милиони денари, на 150 годишнината од смртта на Дичо Зограф, неговото родно Тресонче добива мултифункционален културен центар


Благодарение на посветената работа на реставраторите на Лабораторијата на Националниот институт за културно наследство на Албанија, заврши реставрацијата на три икони од авторот Дичо Зографи: „Свети Атанас“ (1855), „Свети Харалампиј“ (1855) и „Свети Никола “ (1859), коишто се дел од иконостасот во црквата Св. Никола во околината на Елбасан и кои од 1999 година се во фондот на Националниот историски музеј, напиша на социјалните мрежи министерката за култура на Албанија Ева Маргарити.

Информацијата за успешната реставрација на иконите со потписот на Дичо Зограф во Албанија, се совпаѓа со одбележувањето на 150 годишнината од смртта на Дичо Зограф и со повеќето иницијативи за одбележување на оваа годишнина.

Една од позначајните којашто неодамна ја промовираше министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска е обновата на основното училиште „Димитар Ормански“ во Тресонче, родното село на Дичо Зограф.

Министерката Маргарити уште напиша дека Дичо Зографија е познат иконописец и зограф, , претставник на дебарската уметничка школа од 19-тиот веки дека автор на околу 2000 икони во црквите и манастирите на Балканот.

Со капитални дотации од Министерството за култура во износ од 5,3 милиони денари, старата училишна зграда во најстарото мијачко, а со тоа и малореканско село, ќе се ревитализира во мултифункционален културен центар.

„Срдечно ја поздравувам идејата на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски, токму во годината кога одбележуваме 150 години од смртта на Дичо Зограф, кој е еден од водечките зографи на Дебарската школа и еден однајпознатите иконописци и фрескосликари на Балканот во XIX век, да го обновиме старото училиште во прекрасното Тресонче. На овој начин, со соработката меѓу централната и локалната власт, ја покажуваме нашата грижа за заштитата и негувањето на врвните вредности што ги поседува овој региoн, кој е пребогат со културно наследство. Токму овој регион дал голем број истакнати културни дејци кои се значаен дел од македонската традиција, историја и култура“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Таа дополни дека оваа година се одбележуваат и 100 години од смртта на зографот Аврам Дичов, кој исто така е претставник на Дебарската зографска школа и син на Дичо Зограф.

„Особено е важно што преку овој мултифункционален центар ќе се активираат најразлични содржини кои ќе ја афирмираат културата на регионот и ќе привлечат поголем број гости. Создаваме соодветен дом за честување на делото на Дичо Зограф, репрезентативен изложбен простор, место за одржување семинари, и воопшто место каде што ќе го негуваме уметничкото наследство на овој прочуен зограф“, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Реконструкцијата на старото училиште во Тресонче е еден од деветте проекти за кои годинава, преку конкурсот за капитални дотации на Министерството за култура, беа издвоени 40 милиони денари.

Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше го посетија и Домот на културата во селото Ростуше каде што со средства од локалната самоуправа е извршена обнова на озвучувањето, а е променета и електричната инсталација во објектот кој се користи за различни културни активности. Во изминатиот период во овој објект беа изведени и реконструктивни зафати, нова фасада, а беа обновени и столовите во Домот, кој е единствено место за културни настани во ова населено место. Тие присуствуваа и на кратката уметничка програма што ја подготвија учениците од основното училиште, кои изведоа перформанс и ора од богатата македонска фолклорна традиција.

Костадиновска-Стојчевска и Куртовски на крајот од посетата се согласија дека соработката меѓу централната и локалната власт е од искучително значење за подобрување на условите во кои функционираат малите домови на културата во малите населени места низ државава

Треба да знаете
Последни објави