-Постигнат е напредок во фискалната децентрализација, а зголемувањето на приходите на општините од ДДВ и од персоналниот данок на 6 проценти е тренд кој што треба да продолжи, посочи министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на Годишната конференција за децентрализација и локално управување, организирана Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа што се одржува денес и утре на тема „Граѓаните во фокус: Креирање иднина со поквалитетни локални услуги“.
Министерот Пенов истакна дека следниот предизвик е дигитализацијата на локалните услуги, кој како процес е започнат, но рече дека ќе биде интензивиран.
-Процесот на дигитализација е комплексен вклучува многу институции и чекори, но важно е добро да се програмира и со поддршка од донаторската заедница да почнеме со конкретни мерки веднаш, наредната година, нагласи Пенов, кој како приоритетна област посочи на управувањето со јавните финансии, посебно наплатата на локалните даноци и такси.