Шефот на државата Стево Пендаровски денеска истакна дека водењето на политика, која поттикнува етничка омраза е опасно, особено за мултиетничка држава како Северна Македонија, а особено лоша пракса е на трагедиите, како последната со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски да им се дава етничка конотација и на жртвите, но и на сторителите.
Апелите не допираат до политичките субјекти кои на сите трагедии им даваат етничка конотација, потребно е дејствување на правната држава
Тој денеска на маргините на Отворениот форум за антикорупција, одговарајќи на новинарски прашања да даде порака до јавноста истакна дека станува збор за трагедија во која животот го губат двајца наши сограѓани, а за оние кои шират говор на омраза и поттикнуваат етничка толеранција истакна дека смета оти апелите не допирата до нивната свест и оти е потребно правната држава да ги преземе неопходните чекори во таа смисла.
-Сега вие барате од мене порака за јавноста, мислам дека тоа не допира до нивната свест, не допира. Просто тие се така скорени, така мислат дека треба да се води политиката, што е исклучително опасно за една држава како што е Македонија, со ваква внатрешна етничка и религиска структура, да се поигруваш со тие работи, со тој говор на омраза. Мислам дека тие луѓе и партии треба да се санкционираат. Едноставно кажано нема потреба од апели, тоа не допира до нивната свест, не им допира до умот. И потребно е правната држава да ги преземе неопходните чекори во таа смисла…Таа пракса, лоша пракса на сите сторители или жртви да гледаме само низ етничка призма, а последниов трагичен случај нема никаква етничка компонента, се случува кај одредени политички субјекти и политичари, поединци, долг период наназад, истакна Пендаровски.