Религија.мк: Молкот на МПЦ-ОА нема да го избрише нејзиниот срам за соработката со Палчо

Бигорскиот манастир е единствената институција од МПЦ-ОА која испрати сочуство за ѕверски убиената 14 годишна Вања и 74 годишниот велешанец.

МПЦ-ОА, официјално го премолча целиот настан, иако за многу побанални настани знаела да биде гласна во општеството.

Зошто МПЦ-ОА одлучи да молчи? И доликува ли на една црква да ја снема од јавноста во ваков момент кога целокупната општествена јавност е згрозена од целиот настан? Толку ли е голем срамот што ниту сочуство да се изрази? Зошто нема молебен за ова девојче? Како да се чита овој молк? Така дека некој во високиот клир на МПЦ-ОА мисли дека се ова е некоја голема политичка местенка од злите атлантисти против патриотите, против црквата?

Каде се владиците кои од човекот кој сега се сомничи за убиството правеа „најголем патриот и чувар на македонскиот црковен идентитет“? Зошто молчат владиците кои заедно со осомничениот со месеци собираа декларации за МПЦ-ОА, додека истовремено истиот повикуваше на јавен линч, ликвидации и протерување на црковни лица, меѓу кои монасите од Бигорската Обител заедно со нивниот Игумен и епископ отец Партениј? Ќе соберат ли барем тројца од нив храброст и да се извинат за постапките со кои го храбреа овој лик, низ говор на омраза да прогласува предавници на црквата и да повикува на нивна ликвидација, а од друга страна од нив да прави големи патриот и чувари на црковно-националното достоинство?

Тоа што оваа политичка групација, со класични фашистички методи го правеше изминативе месеци, со црковна и со дел медиумска поддршка е само вдомување на говорот на омраза во секојдневнието како да е тоа нормална политичка и општетествена дискусија.

Зошто молчи Петар? Зошто молчи Агатангел? Зошто молчи Григориј…? Зошто молчат десетици свештеници на МПЦ-ОА кои ги споделуваа неговите гнасни повици за ликвидации на своите собраќа? Се каат ли воопшто што биле дел од една огромна лага за некакво наводно спасување на црквата од „злите фанариотски сили“, или пак биле креатори на неговите јавни настапи?

МПЦ-ОА може да молчи во јавноста, но нема да може уште долго да молчи внатре, бидјеќи не само Бигорската обител и некои новинари и аналитичари кои беа на отстрел, на оваа очигледно здружена групација околу и во МПЦ-ОА, на отстрел беа и други владици и други свештеници и тоа само затоа што не му давале поддршка во неговите налудничави идеи.

Извор: Религија.мк

Треба да знаете
Последни објави