САД веруваат дека големите воени операции во јужниот дел на Газа ќе траат до јануари

Соединетите Американски Држави веруваат дека големите воени операции во јужниот дел на Појасот Газа би можеле да завршат до јануари, а потоа да се фокусираат на напади врз одредени екстремисти и лидери на Хамас, јави Си-Ен-Ен.

Повикувајќи се на високи претставници на американската администрација, медиумот објави дека Белата куќа е загрижена за тоа како ќе се одвива офанзивата на ИД (Израелските одбранбени сили) во наредните недели и го предупреди Израел да ја ограничи штетата и цивилните жртви.

Висок воен функционер на кој се повикува Си-Ен-Ен оцени дека не може да се каже дека Израел го прифатил тоа.

Тој исто така вели дека Израел, како што изгледа, нема да ја постигне својата цел да го спречи Хамас да изврши уште еден напад како оној на 7 октомври и дека израелските сили ќе продолжат да ја остваруваат таа цел како дел од „долгорочната кампања“ кога конфликтот ќе премине во нова фаза.

„Ние сме во операција со висок интензитет во следните недели и тогаш веројатно ќе преминеме на режим со помал интензитет“, изјави израелски функционер за Си-Ен-Ен, потврдувајќи ја очекуваната транзиција.

Минатата недела, американскиот државен секретар Ентони Блинкен го предупреди воениот кабинет на Израел дека можеби нема да има на располагање месеци за да се бори против Хамас, бидејќи се зголемува внатрешниот и надворешниот притисок врз администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да стави крај на војната.

Во меѓувреме, Израел ја проширува својата воздушна и копнена офанзива на југот на Газа, поради што се раселени уште десетици илјади Палестинци, а хуманитарните услови во таа густо населена мала енклава се влошени.

Борбите спречуваат испорака на храна, вода и лекови надвор од тесниот дел на југ, а новите наредби за евакуација ги принудуваат луѓето да се преселат во уште помали области.

ОН соопштија дека 1,87 милиони луѓе, повеќе од 80 отсто од населението во Газа, ги напуштиле своите домови од почетокот на војната на 7 октомври. 

Треба да знаете
Последни објави