Македонија е мала држава но повремено и тука се случуваат страшни инциденти и грозоморни убиства.
Се случиле досега многу јавни егзекуции, пресметки меѓу криминални групи, случаи на фемициди, но ништо не ја потресе јавноста како последниот случај со двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски.
Прво, затоа што од досега познатите информации, запрепастува фактот што станува збор за невидена суровост кон малолетно девојче и повозрасен граѓанин.
Дополнително, загрижува фактот што киднапирањата на двете лица се случиле во близина на нивните живеалишта, во урбани средини, а малата Вања била киднапирана во строгиот центар на главниот град, рано наутро, во работен ден, што дополнително зборува за дрскоста на киднаперите и убијците.
Институциите веднаш постапија во расчистување на случаите.
Се чини дека досега немало ваква брза и ефикасна истрага за лоцирање на сторителите на едно монструозно и по својот обем, комплицирано дело.
За само неколку денови, полицијата успеа да ги најде извршителите и да ги обезбеди, да го утврди мотивот, но и начинот на планирање и извршување на злосторствата.
Низ целиот процес полицијата внимаваше и на транспарентноста секојдневно споделувајќи информации, секако водејќи се од јавниот интерес, но и протоколите за работа со цел да не се загрози кој било сегмент од истрагата.
Првиот осомничен се даде во бегство, но по само нешто повеќе од 24 часа, беше лоциран и сега се чека негова екстрадиција во Македонија.
Треба да се додаде дека освен со расчистување на случајот, полицијата се бавеше и со јавно објавени дезинформации, дел објавени заради популарност во јавноста, дел од нив можеби објавени и свесно за да ја попречат или дефокусираат работата на безбедносните служби.
Сега, се е во рацете на обвинителството, кое низ истражна постапка, на база на материјални докази да ги процесуира киднаперите и убијците.
Фактот што во овој случај обвинет е и лидер на политичка партија, го прави овој случај уште повеќе комплексен, па оттаму потребен е степен плус во ефикасноста и професионалноста на судските институции.
Дел од членовите на партијата Десна веќе се организираа во група на Фејсбук каде бараат правда за нивниот шеф Љупчо Палевски Палчо и сметаат дека целиот случај е монтиран.
Не е исклучено, јавноста повторно да биде „бомбардирана“ од лажни вести и дезинформации, а иако строителите се пронајдени, вината е во најголем дел признаена од нив, сепак случајот формално правно се уште не е затворен се до последното судско рочиште и изрекувањето на казните.