Американците го предупредија Израел да не влегува во конфликт со Хутите

Американскиот весник „Волстрит џурнал“ пишува дека САД побарале од Израел да не одговара на нападите на Хутите од Јемен.

Од Вашингтон наводно рекле дека ќе им одговорат на Хутите кога ќе дојде време.
Американците имаат воени бродови во регионот и веќе интервенираа соборувајќи неколку ракети истрелани кон Израел, а израелската војска пресретна и неколку проектили.

Повикувајќи се на американски официјални претставници, се вели дека САД се загрижени бидејќи израелскиот одговор може да ја прошири војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас.

„Сите знаеме дека колку подолго трае оваа војна, толку е потешка за сите“, рекол неименуван американски функционер, според Волстрит журнал.

Официјален Израел не им дал никакви гаранции на Американците, но тие наводно изразиле интерес за смирување на ситуацијата за земјата да не ги трпи економските последици од војната.

Американските медиуми пренесуваат дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден смета дека војната треба да заврши за неколку недели, а не за месеци.

Сето ова не треба да чуди, имајќи предвид дека на Бајден идната година му претстојат избори во САД, а администрацијата во Вашингтон не најде решение во управувањето со кризите на два фронта, во Украина и на Блискиот Исток.

Се известува и дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен неодамна ги предупредил израелските власти дека високиот биланс на цивилни жртви во израелскиот напад врз северниот дел на Газа не смее да се повтори на југ.

Израелската армија, откако го прекина примирјето со Хамас кое траеше една недела, ја прошири копнената офанзива на југот на Појасот Газа, каде што претходно се засолниле стотици илјади раселени Палестинци од северот.

Високиот функционер на Хутите Мохамед Ал-Бахити рече дека воените операции на јеменските сили во Црвеното и Макранското Море имаат хуманитарни и морални цели.

„Нашите воени операции во Црвеното и Макранското море се насочени само кон израелски бродови. Воените операции против окупацискиот режим ќе продолжат сè додека не се запрат злосторствата на режимот врз Палестинците. Земјите кои не ги исполнија своите хуманитарни обврски за запирање на злосторствата и геноцидот во Газа, ги советуваме да не ги поддржуваат сторителите на овие злосторства – рече Ал Бахити.

Тој дополнително ги предупреди Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати да не се приклучуваат на американската коалиција за заштита на израелските бродови во Црвеното Море.

– Доколку Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати учествуваат или помогнат во ционистичката агресија против Јемен, тогаш нашата армија ќе ја нападне нафтената и стратешката инфраструктура на Саудијците и ОАЕ. Доаѓа зима, а Европа ќе биде отсечена од енергенси и од Русија и од Јемен – изјави Ал Бахити.

Треба да знаете
Последни објави