Мерката ваучери за поддршка на домашниот туризам на Министерството за економија која беше наменета за работници со ниски приходи од следната година ќе биде наменета само за студентите во државните универзитети во државата.
Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за образование и наука Јетон Шакири денеска одржаа работен состанок со претставници на студентските собранија на дел од државните универзитети на кои им ја презентираа оваа нова мерка.
Целта на состанокот беше заедно со претставниците на студентските здруженија да се утврдат критериумите по кои ќе се доделуваат ваучерите за домашен туризам.
“Денеска со студентите разговаравме за критериумите за доделување на ваучери за домашен туризам за студентите и за нивните очекувања од оваа мерка која Министерството ја реализира изминатите четири години за работниците со ниски приходи. Во соработка со Министерството за образование и наука донесовме оваа мерка на Министерството за економија следната година да биде наменета само за студентите. Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата. За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија. Вредноста на ваучерот ќе зависи од предлозите кои ќе дојдат од студентите, а во зависност од тоа ќе се знае и бројот на студенти кои ќе бидат опфатени, а според првичните проценки ќе бидат опфатени од 3.000 до 4.000 студенти од државните универзитети“ кажа министерот Бектеши по состанокот со претставниците на студентите.
Мерката како што кажа министерот Бектеши е предвидено да почне да се реализира од јануари следната година, а ваучерите ќе може да се користат до крајот на следната година.
Министерот за образование и наука Јатон Шакири кажа дека Министерството за образование и наука заедно со Министерството со економија воведува нова мерка за подигнување на студентскиот стандард.
„Во минатото имавме повеќе мерки кои ги дискутиравме со сите здруженија на студенти во однос на повисока вредност на субвенционираниот студентскиот оброк, продолжувајќи со повисоки стипендии и сега продолжуваме со поддршка на судентите со ваучери за домашен туризам. Мерката е за поздравување бидејќи студентите во текот на своето студирање мора да ги мотивираме за да остварат подобри резултати, а со оваа мерка може да придонесеме и за туристичкиот развој на нашата земја“ кажа министерот Шакири.
Оваа мерка е дополнување на мерките од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата во делот на подобрување на студентскиот стандард, покрај поддршката за превоз за студентите и учениците.
Критериумите за ваучерите за студентите ќе бидат прецизирани во текот на следната недела и ќе произлезат од предлозите на студентските здруженија.