На заеднички самит следната недела, Европската унија ќе побара од земјите од Западен Балкан целосно да се усогласат со политиката на санкции против Русија.
Во нацрт-декларацијата, што треба да се усвои на крајот на самитот, се наведува дека усогласувањето со политиките на ЕУ е јасен знак за стратешката ориентација на партнерите, сега повеќе од кога било, во контекст на руската агресивна војна против Украина и другите безбедносни предизвици.
Шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ на 13 декември ќе се сретнат со колеги од шесте земји од регионот на редовниот годишен самит ЕУ-Западен Балкан.
„Заедничката визија за иднината вклучува заеднички вредности и заедничка одговорност. Додека ја продлабочуваме нашата соработка со партнерите, ги повикуваме да направат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки на ЕУ, како и да се постапат во согласност со тоа“, се наведува во нацрт-декларацијата.