Само со организиран градски превоз може да се намали загадувањето во градот Скопје кое го придонесуваат фосилните горива. Во моментов, според некои анализи, околу 20% од загадувањето е поради издувните гасови од автомобилите во главниот град.
Според експертите од ЕУ, со кои се дружевме три дена во Грац, Австрија и некои професори од познати универзитети успеавме да „ќариме“ неколку решенија за овој проблем.
Според нив, во Скопје, кој е слична конструкција како и Грац, мора да се воведе трамвај или БРТ без одлагање. Да се зголеми бројот на еколошки автобуси и да се постави возен ред со најголемо растојание помеѓу два автобуси од иста линија на максимум на 7 минути во текот на целиот ден. Да се затвори централното градско подрачје за автомобили, односно да се направат многу еднонасочни улици и скапи паркинзи, со што ќе се редуцираат возилата во центарот на градот.
Веднаш коловозните ленти да се стеснат. Максималната широчина да биде 3 метри, иако законот дозволува на 2,5 метри, кои можат да се направат во централното градско подрачје, со што ќе се направи бавен превозот со автомобили и да се донесе одлука за јавен превоз со средства кои имаат најмала емисија на ЦО2 честички.
На ваков начин, граѓаните ќе бидат демотивирани да користат возила за одење и враќање од работа. Ќе бидат демовитирани да користат возила за пазарење во трговски центри и тоа ќе го прават користејќи јавен градски превоз. Иако ова би било погубно решение за властите во градот на краток рок, на долг рок би се почувствувале бенефициите од оваа одлука. Експертите велат дека само со „брз рез“ може да се надмине проблемот. Секое одолговлекување на одлуките може да придонесе само кон бавно „умирање“ на населението.
Игор Мицкоски