Вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач на земјава со ЕУ, Бојан Маричиќ денеска ќе присуствува на петтиот состанок на Стратешкиот одбор на Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ) заедно со генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија (НЕАР), Герт Јан Копман и со генералниот директор на Одделот за Европа и меѓународна трговија при норвешкото Министерство за надворешни работи, Фроде Оверленд Андерсен.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тема на разговорите ќе биде политиката на проширување на ЕУ со посебен акцент на Планот на ЕК за раст на Западниот Балкан, како и текот на реформите и останатите актуелни случувања во земјава.
Со денешната средба Маричиќ ја завршува неколкудневната посета на Брисел, во чии рамки вчера имаше воведно обраќање на билатералниот состанок за „Поглавјето 31 – Заедничката надворешна и безбедносна политика“ од Кластерот 6, со чие затворање официјално заврши скрининг процесот на Северна Македонија.
Тој посочи дека гледаме напред кон позитивниот моментум на нашиот евроинтегративен пат, потенцирајќи ја при тоа важноста на успешното завршување на сеопфатниот циклус на скрининг процесот инициран со новата методологија за пристапување и нагласувајќи ја колективната решителност за унапредување на интеграцијата на земјава во Европската Унија.
Пред последната седница од скринингот, Маричиќ порача дека имајќи ја предвид нашата посветеност и напорите да станеме полноправна членка на ЕУ, очекува на Европскиот совет идната недела да добиеме препорака да продолжиме со втората Меѓувладина конференција.
– Со ова, секој следен чекор во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија, како и динамиката на преговори, ќе зависи само од нас, од донесување на уставните измени. Се наоѓаме на клучна точка во својата историја која ќе го трансформира македонското општество. Ова е еден историски момент за Северна Македонија, за Западен Балкан и за Европската Унија. Оваа шанса мораме да ја искористиме без дилема, без грижи и без страв, туку со уверување дека и тоа како ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните, порача Маричиќ.
Според него, одложувањето или блокирањето на процесот на преговори и членството на Северна Македонија во ЕУ претставува опасност за нашите реформи и развој.
– Уверен сум дека со мнозинството македонски граѓани кои сакаат да ја видат Република Северна Македонија во Европската Унија во 2030 година заедно ќе успееме. Ајде заедно да ги надминеме пречките и да ја обезбедиме европската иднина за сегашните и идните генерации, истакна вицепремиерот за европски прашања.
Покрај, учеството на завршната сесија од скрининг процесот, вицепремиерот Маричиќ имаше и работни средби со потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за промоција на европскиот начин на живеење Маргаритис Схинас.
Схинас по средбата на Икс објави дека Северна Македонија веќе презеде големи чекори кон пристапувањето во ЕУ. – Ги охрабруваме нашите пријатели во Скопје да го зграпчат моментумот и да продолжат со клучните реформи, со фокус на уставните измени и владеењето на правото, наведе Схинас во објавата.
Маричиќ имаше и брифинг состанок со делегатите од Работна група на Европскиот совет за проширување и за земји кои преговараат за членство во ЕУ (КОЕЛА), на кој стана збор за успешното завршување на скрининг процесот, следните планови во однос на доставувањето на потребните документи за реализација на реформите, стратегијата за Планот за раст што државата во моментов ја развива, како и предизвиците на патот кон ЕУ.
Во средата Маричиќ, заедно со премиерот Димитар Ковачевски учествуваа на билатералниот состанок од скрининг процесот по „Поглавјето 30 – Надворешни односи“ од Кластерот 6, како и на дебата во Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ со европратеници од редовите на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократи (СД).
На првиот ден од работната посета на Брисел во вторникот, вицепремиерот Маричиќ присуствуваше и имаше обраќање на семинарот организиран од СД на темата „Обликување на прогресивната агенда за проширување“.