Меѓународната криминалистичка полиција (Интерпол) денеска соопшти дека 281 лице се уапсени за време на меѓународна операција посветена на борбата против трговијата со луѓе и борбата против онлајн измамите, феномен кој потекнува од Југоисточна Азија и станува глобален.
Операцијата „Storm Makers II“, против криминалните мрежи кои ги принудуваат мигрантите да работат во центри за сајбер измами, беше спроведена од 16 до 20 октомври во соработка со 27 земји, се наведува во соопштението на Интерпол.
Во акцијата уапсени се 281 лица, осомничени особено за трговија со луѓе, измама или корупција и отстранување на 149 жртви, додаде Интерпол, со седиште во Лион.
Полициски рации беа спроведени на 450 локации идентификувани за трговија со луѓе и криумчарење мигранти, по петмесечна координација со локалните власти.
„Многу страници редовно се користат за насочување на жртвите до познати онлајн центри за измами во Југоисточна Азија. Жртвите често се намамени со лажни понуди за работа, а потоа се принудени да извршат големи измами преку Интернет, а исто така трпат физичко насилство“, се вели во соопштението.
Интерпол додаде дека операцијата ја потврдила зголемената глобализација на феноменот.
Органите за спроведување на законот во Уганда во октомври објавија дека неколку граѓани биле однесени во Дубаи, наводно на работа, пред да бидат однесени во Тајланд, потоа во Мјанмар.
Во тие центри, под надзор на вооружени лица, жртвите биле принудувани да учествуваат во банкарска измама.
Во операцијата на Интерпол учествуваа вкупно 27 земји: Ангола, Австралија, Бангладеш, Бурма, Бразил, Камбоџа, Кина, Етиопија, Гана, Индија, Индонезија, Казахстан, Кенија, Лаос, Малезија, Непал, Пакистан, Филипини, Сингапур, Јужна Африка, Шри Ланка, Танзанија, Тајланд, Турција, Уганда, Обединетите Арапски Емирати и Виетнам.