Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека на вечерашната седница на Извршниот одбор на партијата ќе биде потврдена одлуката координаторот на пратеничката група Јован Митрески да биде претседател на Собранието, откако Талат Џафери беше предложен од ДУИ да биде технички премиер.
-Ќе се разговара за претседател на Собранието со оглед дека сегашниот претседател на Собранието е предложен за претседател на техничката Влада, и нормално дека организацискиот и генералниот секретар ќе поднесат извештај за сите оперативни активности што се направени во текот на минатата недела, после последниот Извршен одбор што го имавме, изјави вечерва Ковачевски пред состанокот.
За најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе размисли дали ќе учествува во техничката влада, Ковачевски вели тоа е законска обврска.
-Таа е наведена во Законот за влада, во законот за избори и сметам дека сите политички партии треба да ја испочитуваат својата законска обврска, исто како што е моја законска обврска на сто дена пред изборите да поднесам оставка, што ќе го направам. Исто така е и обврска на сите политички партии да учествуваат во изборниот процес, во спротивно се става една дамка во изборниот процес, без никаква потреба, рече Ковачевски.
Потсети дека неодамна, како што кажа, имало успешна лидерска средба на која со исклучително широк консензус беше договорен датумот за претседателски избори и датумот за парламентарните избори во редовен термин, а беше поддржано дека ќе имаме техничка влада.
– Значи дека толку краток период пред изборите нема да има промена на Изборниот законик во тој дел и на Законот за Влада, што значи дека сите политички партии треба да учествуваат во изборниот процес така како што е предвиден согласно закон и на крајот да имаме демократски избори, како што имавме во изминатиот период после 2016 година и да добиеме и претседател на држава, и Парламент и се разбира и Влада и Северна Македонија да продолжи во своите евроинтеграции, рече Ковачевски.
На вечерашнава седница нема да биде на дневен ред претседателскиот кандидат на СДСМ, но Ковачевски потсети дека на минатата седница е донесена одлука за почнување на постапка и процедура за избор на претседателски кандидат на партијата.
За тоа дали би поддржале претседателски кандидат на ДУИ, од каде вчера соопштија дека тоа им е следна цел, тој рече дека претседателскикандидат ќе биде од редовите на СДСМ како што беше и на минатите избори.
– Сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателски кандидат ќе биде од редовите на СДСМ како што беше и на минатите избори и ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и така натаму, и тоа ќе биде претседателот на државата и во следниот мандат, рече Ковачевски.