Американскиот претседател Џо Бајден го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски на средба на 12 декември во Белата куќа на која ќе се разговара за војната против Русија и за поддршката на САД за украинските одбранбени напори, објави Белата куќа.
Како што е најавено, двајцата лидери ќе разговараат за „итните потреби на Украина, во време кога Белата куќа се обидува да постигне договор со американскиот Конгрес со кој би се обезбедила воена помош за Украина и Израел“.
Бајден го покани Зеленски на состанок на кој ќе се разговара за војната против Русија и за „виталната важност“ на континуираната поддршка на САД за одбранбените напори на Украина, се додава во соопштението, како што пренесува Ројтерс.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, во изјавата рече дека целта на состанокот е да се истакне „непоколебливата посветеност на Соединетите држави да го поддржат народот на Украина додека се бранат од бруталната инвазија на Русија“.
Од кабинетот на Зеленски на Телеграм соопштија дека тој ќе дојде во Вашингтон во понеделник и дека ќе се сретне со Бајден за време на работната посета „која ќе опфати серија состаноци и разговори“.
Републиканците во американскиот Сенат го блокираа неодамнешното гласање за законодавството за помош на Украина и Израел, откако демократите не ги исполнија нивните барања за зајакнување на безбедноста на јужната граница на САД.
Пакетот од 110 милијарди долари вклучуваше 61 милијарда долари за Украина, како и помош за Израел и Газа.