Од почетокот на годината во светот се убиени 94 новинари

Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) објави дека од почетокот на годинава се убиени 94 медиумски работници, од кои повеќето во конфликтот меѓу Израел и Хамас, додека речиси 400 од нив се затворени.

ИФЈ, водечката светска организација за одбрана на правата на новинарите, наведува дека 68 новинари, повеќето Палестинци, се убиени додека известувале за конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, што статистички претставува повеќе од еден медиумски работник дневно и 72 отсто од вкупниот број на смртни случаи во Појасот Газа.

-Војната меѓу Израел и Хамас е посмртоносна за новинарите од кој било друг конфликт откако ИФЈ почна да води евиденција во 1990 година, рече групата.

Украина останува на листата на „земји опасни за новинарите“ речиси две години по почетокот на војната во таа земја, каде од почетокот на 2023 година се убиени тројца медиумски работници, се наведува во соопштението на ИФЈ.

Досега во Северна и Јужна Америка се убиени седум новинари кои загинале додека истражувале вооружени групи или проневера на јавни средства.

Во Африка се евидентирани убиства на четворица медиумски работници, за кои ИФЈ тврди дека не се доволно истражени.

Од 393 приведени новинари, најголем број има во Кина и Хонг Конг, Мјанмар, Турција, Русија и Крим, Белорусија и Египет, заклучи Меѓународната федерација на новинари во својот годишен извештај.

Треба да знаете
Последни објави