Израелската армија нападна цели на Хезболах во јужен Либан

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека извршиле серија воздушни напади врз цели на екстремистичката група Хезболах во јужен Либан, како одговор на повторените напади на северната граница на Израел.

Како што се наведува, метите се места од каде се истрелуваат ракети, воени објекти и друга инфраструктура што и припаѓа на таа проиранска шиитска организација, пренесува Тајмс оф Израел.

Неколку израелски војници се ранети денеска од шрапнели во напад со беспилотно летало на Хезболах врз воена база во областа Западна Галилеја, јавија израелските медиуми.

Две беспилотни летала лансирани од Либан биле соборени од противвоздушниот систем „Железна купола“, а Хезболах ја презеде одговорноста за нападот.

Судирите меѓу израелската армија и Хезболах на израелско-либанската граница започнаа на вториот ден од војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас, сојузник на организацијата.

Советникот за национална безбедност на Израел, Чахи Ханегби синоќа навести дека израелската армија можно е да влезе во војна со Хезболах по победата над Хамас во Газа.

Израелските власти долго време се загрижени за арсеналот ракети со кои располага Хезболах, а по нападот на Хамас на југот на Израел на 7 октомври, се зголеми стравот дека единиците на таа либанска организација би можеле да се обидат да изведат слична смртоносна инвазија на северот.

Треба да знаете
Последни објави