Поранешниот фудбалер Златан Ибрахимовиќ се врати во Милан како функционер, откако доби улога во раководството на клубот, објавено е денеска на клупската веб-страница.
„Го објавуваме именувањето на Златан Ибрахимовиќ за оперативен партнер за инвестиции во спортот, медиумите и забавата. Во оваа функција тој ќе има и улога на висок советник на челниците на клубот“, се вели во соопштението на Милан.
Ибрахимовиќ е исклучително задоволен од неговото враќање во клубот.
„Исклучително сум благодарен што му се приклучувам на Милан во оваа важна и влијателна улога. Со нетрпение очекувам да придонесам за инвестициски активности во спортот, медиумите и забавата“, изјави Ибрахимовиќ за клупската веб-страница.
Според сајтот на Милан, популарниот „Ибра“ е еден од најпознатите фудбалери во историјата. Тој освои 34 трофеи со Малме, Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан, Пари Сен Жермен, Манчестер Јунајтед и Лос Анџелес Галакси.
Се потсетува дека во текот на кариерата постигна над 570 гола, од кои повеќе од 500 за клубовите, во секоја од последните четири децении. Ибра трипати беше прогласуван за најдобар играч во италијанската Серија А (2008, 2009, 2011) и три пати за најдобар играч на француската лига 1 (2012, 2013, 2015). Тој исто така беше најдобар стрелец во Серија А во 2009 и 2012 година, најдобар стрелец во Лига 1 во 2012, 2013 и 2015 година и е најдобар стрелец на шведската репрезентација на сите времиња.