Централните банки на повеќе земји продолжија да купуваат злато, а само во октомври се купени над 42 тони од овој благороден метал, се наведува во извештајот на Светскиот совет за злато.
Според извештајот објавен минатата недела, во октомври е откупено 41 отсто помалку злато во однос на септември, кога биле купени вкупно 72 тони. Сепак, октомврискиот откуп и натаму е за 23 отсто поголем од просекот во првите девет месеци.
Народната банка на Кина остана најголем купувач на шипки, известувајќи за откуп на 23 тони злато. Кина постојано ги зголемува своите златни резерви веќе 12 месеци по ред.
Во текот на оваа година Кинезите веќе купиле 204 тони злато, а нивните вкупни златни резерви сега изнесуваат 2.215 тони.
И покрај значителното зголемување, пријавените златни резерви на Кина сè уште сочинуваат само 4 отсто од вкупните меѓународни резерви на банката.
Централната банка на Турција исто така направи значителен откуп во текот на октомври, купувајќи 19 тони за да ги зголеми официјалните резерви на злато (централна банка плус државни средства) на 498 тони.
Народната банка на Полска продолжи да ги зголемува златните резерви, купувајќи уште шест тони. Неjзините залихи на жолтиот метал годинава се зголемија за повеќе од 100 тони, а сега изнесуваат вкупно 340 тони.
Резервната банка на Индија, Чешката национална банка, Националната банка на Република Киргистан и Централната банка на Катар беа други значајни купувачи во октомври.