Со помош на најмодерна и најсофистицирана опрема за генетско испитување, резултатите од направените истражувања ќе бидат готови за еден ден, со што значително се подигнува квалитетот на работата на МАНУ.
Ова беше истакнато денеска на презентацијата на новата апаратура за генетско испитување во МАНУ, како и на имплементацијата на проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика и протеомика“.
Министерот за здравство Фатмир Меџити изјави дека МАНУ и Министерството имаат тесна соработка во многу значајни области од медицината.
– Од голема важност за нашите пациенти е и можноста за дијагноза со секвенционирање на гени на наследни и малигни болести, меѓу кои и ретки болести во лабораторијата на Македонската академија на науките и уметностите.
Исто така, МАНУ секојдневно соработуваше со Министерството за здравство, со нашите здравствени установи и се вложи и научно и истражувачки, за време на кризата со Ковид-19, подвлече министерот.
Академијата за здравствениот сектор, додаде тој, допринесува и помага во рана детекција на болестите, што за нив, лекарите, значи можност за побрза реакција во поглед на методите на лекување.