Уште месец и половина остануваат од формирањето на техничка влада која треба да ги организира парламентарните избори во мај 2024 година.
Согласно Пржинскиот договор и Законот за Влада на 100 дена пред изборите за нов парламентарен состав, се формира техничка влада со технички премиер, додека министрити за труд и социјална политика и за внатрешни работи предлага опозицијата, во случајов, ВМРО-ДПМНЕ.
Името на техничкиот премиер е веќе познато, тоа ќе биде Талат Џафери од ДУИ а на негово место во Собранието, ќе дојде пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Сепак, изборот на Џафери, според првичните реакции од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив за опозициската партија, со што се отвора можност ВМРО-ДПМНЕ и да не учествува во техничката влада.
За премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, тоа би било противење на Законот за влада.
„Како што и другите политички партии пред тоа ја исполниле својата законска обврска, сметам дека не постои причина во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од Закон за Влада. Не постои никаква пречка или причина тоа да не биде направено и Северна Македонија на 24 април и на осми мај да има демократски избори“, рече Ковачевски.
Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката Влада, партијата ќе носела одлука следната недела, изјавија за одредени медиуми од централниот штаб.
„Наредната недела ќе има одлука. Она што загрижува е желбата на власта за изборен поткуп, делење на наводна социјална помош која е само грубо потценување на граѓаните. Загрижува буџетот кој е скроен за изборни подмитувања, но граѓаните треба да ги охрабри фактот што ВМРО-ДПМНЕ ќе носи одлуки што ќе значат се спротивно од ова“ велат од опозициската партија.
Сето тоа навестува дека ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе прифати да биде дел од преодната влада и да учествува во организација на изборите, преку свои министри.
Откако стана јасно кој ќе ја води Владата, во јавноста се појавија недоумици дали од 28 јануари кога започнува мандатот на техничката влада партијата ДУИ освен премиер ќе има и прв вицепремиер на техничката влада.
Денеска во изјава за медиумите, премиерот Ковачевски даде одговор и на таа дилема.
„Сè е дефинирано во законот за техничка Влада. Нема импровизации во тој дел. МВР, МТСП, кои заменици министри стануваат дополнителни… Таму е точно наведено. Доколку почнеме да навлегуваме во процеси на импровизирање, тогаш веќе се става дамка на целиот процес“, порача Ковачевски.
Парламентарните избори се закажани за 8 мај, на истиот датум кога ќе се гласа и за вториот круг на претседателските избори.



