Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за здравство, Фатмир Меџити и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири присуствуваше на презентација на нова апаратура за генетско испитување при МАНУ и на промоција на резултатите добиени од проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика протеомика при ИЦГИБ – МАНУ во областа на персонализираната медицина”.
Во своето обраќање до присутните Ковачевски истакна дека МАНУ наскоро ќе одбележи 57 години од своето постоење, преку комплексните мултидисциплинарни научни истражувања, собири и афирмација на уметничките дострели, при што дава огромен придонес во стимулирање на развојот на македонската научна мисла и уметничките остварувања.
„Со буџетска поддршка е помогната набавка на новата опрема за потребите на Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов”, вредна над 580 илјади евра. Вложуваме во развојот на генетското инженерство, молекуларната биологија, но и ги следиме светските трендови и во однос на пандемијата со Ковид- 19. Опремата е во функција и на едукативната дејност во рамките на постдипломски студии, специјализации и докторски студии од областа на молекуларната биологија и генетското инженерство“, истакна Ковачевски.
Притоа додаде дека дополнително, со употреба на опремата и со поддршка на Фондот за здравствено осигурување, се излезе во пресрет на барањата на клиниките и на Академијата, со што од буџетот ќе се покриваат и две нови анализи за пациенти со ретки болести и за молекуларната дијагностика.
„Она што сакам да го истакнам овде, е дека ги препознаваме вредностите на оваа наша врвна научна установа и сите наши научни институции и затоа преземаме конкретни чекори за финансиска поддршка за нивен развој. Ова го кажувам бидејќи за прв пат оваа Влада презеде пионерски чекори за забрзан развој на нашите научни потенцијали во повеќе области. Јас знам дека тоа не е премногу, но сепак се работи за опрема која е од врвно светско производство, над половина милион евра и која придонесува за правење на сеопфатни и исклучително софистицирани генетски и молекуларни анализи кои ќе се прават тука во Скопје“, рече премиерот.
Тој информирање и дека за првпат, по 10 години, во 2021 година е спроведен Конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти за јавните научни установи, а спроведен е и Конкурс за набавка на опрема за лаборатории, акредитација на лаборатории и за сите субјекти кои вршат научно-истражувачка работа, во рамките на кој конкурс е одобрена и опремата на чија презентација сме присутни денеска. Се работи за тригодишни проекти, чија вкупна вредност е речиси 318 милиони денари или над 5 милиони евра, во кои над 70% е учеството на државата во реализацијата на истите.
„Науката и образованието се еден од главните столбови на државата. Без нив нема напредок, нема раст и нема развој. Затоа мора да се потпреме на науката, на образованието за да одиме напред, да одиме во чекор со светските достигнувања. Само така ќе имаме просперитет и ќе имаме светла иднина“, заврши Ковачевски.