Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, на отворената трибина „Ние сме Европа” во Куманово, на осмиот завршен настан говореше на тема: „Членството во ЕУ од аспект на енергетиката”.
Покрај претседателот на Владата, Ковачевски на отворената трибина говореа и Бојан Маричиќ, заменик на претседателот за европски прашања, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Бесими, министер за финансии, Н.Е Дејвид Гир, Амбасадор на Европската Унија, како и Н.Е Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија, а присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставници на дипломатски кор, институции, граѓански организации и деловната заедница.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање подвлече дека Северна Македонија, како и секоја земја во услови на најголемата светска енергетска криза, водеше стратешки домашни политики за снабдување со енергија и храна и зголемување на производството, со цел системот да функционира, граѓаните да се заштитат од ценовен шок, компаниите да бидат ликвидни и виталните функции на државата да се одвиваат непречено. Дополнително како што истакна Ковачевски се обединивме со регионот, со сите наши соседи, а поддршката на Европската Унија беше клучна во градењето побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина на нашата земја.
Премиерот Ковачевски рече дека со растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, кризата ја претворивме во можност, станавме лидери во енергетската транзиција и нашата земја ја претворивме во зелен енергетски хаб.