Пендаровски: Шансите да се кандидирам за втор мандат се поголеми отколку да не се кандидирам 

Ако ме прашувате денес, шансите да се кандидирам се поголеми отколку да не се кандидирам, одговори претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за „360 степени” на МРТ 1, на прашањето дали повторно ќе се кандидира на претседателските избори следната година. Според него, поддршката од политичките субјекти, но не помалку, ако не и повеќе, поддршката од граѓаните, ќе бидат клучни во носење на неговата одлука.

„Во 2014 година зад мојата кандидатура застанаа 18 политички партии, во 2019 застана 31 политичка партија. Повторно, само со поддршка на политичките партии не е можно да бидете претседател. Потребен е и граѓанскиот дел, што не е врзан со политичките партии, да се реши да ви даде глас, затоа што само со збирот, или акумулацијата на само партиските електорати, не може да станете победник”, изјави претседателот Пендаровски.

Според претседателот добра одлука е претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно, пред сѐ од финансиски аспект, како и поради обезбедување на подобра политичка мобилизација и излезност на граѓаните, што е важно и за легитимитетот на избраните политичари.

„Не може некој да ме убеди, ако вие имате рејтинг,  или немате рејтинг во април, вие ќе го додадете или изгубите во јуни”,  одговори претседателот коментирајќи дека за него не игра голема улога дали изборите ќе бидат двојни или поединечни,  доколку се кандидира за втор претседателски мандат. Во однос на прашањето дали смета дека ДУИ може да ги мобилизира своите гласачи ако го поддржат на претседателските избори, претседателот изјави дека сите албански политички партии ќе имаат проблем да го мобилизираат своето членство, ако во вториот круг останат двајца Македонци.

Тој смета дека резултатите од анкетите не се лоши, но се однесуваат на претпоставената сила на политичките субјекти, а она што потешко се мери е граѓанскиот електорат, кој не е поврзан со политичките партии, а коишто на анкетите, над 60 %, се изјаснуваат дека во принцип не се заинтересирани за гласање.

Треба да знаете
Последни објави