Спасовски на прием за јубилејот на Народниот правобранител

Вечерва на покана од Народниот правобранител, Насер Зибери, присуствував на прием по повод одбележувањето на јубилејот – 25 години од востановувањето на институцијата Народен правобранител и 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Во нашата држава Народниот правобранител или Омбудсманот, по својата надлежност се грижи за заштита на правата на граѓаните и веќе 25 години од своето постоење и функционирање, оваа институција професионално ги извршува своите надлежности преку давање предлози, совети, сугестии, соработка, подучување, во насока за остварување на правата на граѓаните. Како МВР даваме целосна поддршка и охрабрување за понатамошен проактивен пристап на постапки кои значат елиминирање на злоупотребата и на кршењето на човековите права.

Притоа, денеска одбележуваме и 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Обединетите Нации во 1948 година – прв правен документ кој го поставува постулатот дека фундаменталните човекови права мора да се универзално заштитени, затоа што нѐ засегаат сите нас, без разлика на нашата националност, пол, етничка припадност, боја, религија, јазик или друг статус.

Во овој контекст, една од главните функции на полицијата во секое демократско општество е заштита на слободите и правата на сите граѓани, а ние како раководство преземавме обврска за комплетна професионализација на полицијата, преку целосно почитување на човековите права при полициското постапување и критериумите на законитост, сразмерност и недискриминација, полиција во служба на граѓаните.

Честитки за јубилеите, да продолжиме заеднички да создаваме општество во кое човековите права ќе бидат општ стандард за сите граѓани, а нивната заштита императив за сите институции!

Треба да знаете
Последни објави