Станбената изградба во Германија во криза, луѓето ги откажуваат нарачките

Состојбата во германската изградба на станови се влоши во ноември, имајќи предвид дека се повеќе компании се соочуваат со недостиг на нарачки, покажува истражувањето на германскиот институт за економски истражувања Ифо. Во ноември 49,1 отсто од компаниите се пожалиле на недостиг на нарачки, што е зголемување во однос на 48,7 отсто во претходниот месец. Со тоа се зголемува нивниот уддел осми месец по ред.

Со откажување на нарачките се соочуваат бројни компании, на што во ноември се пожалиле 21,5 отсто, приближно ист процент како и во октомври кога ги имало 22,2 отсто.

Компаниите кои се занимаваат со изградба на станови во голема мера губат клиенти поради високите трошоци за изградба и сегашните високи каматни стапки. „Многу проекти едноставно повеќе не се исплаќаат под овие услови и мора да се одложат или откажат“, вели Клаус Вохрабе, раководител на истражување во Институтот Ифо.

Новите нарачки се толку слаби што опстанокот на некои компании е загрозен. На финансиски тешкотии се пожалиле 11,1 отсто од нив, што е за 1,2 процентни поени повеќе од октомври, покажа истражувањето. Деловната клима во ноември дополнително се влошува, што се одразува со падот на соодветниот индекс на минус 54,6 поени, најниско ниво од почетокот на истражувањето во 1991 година.

Расположението меѓу анкетираните компании и понатаму е лошо, рече Волербе, додавајќи дека моментално нема подобрување на повидок.

Најновите извештаи за германската буџетска криза веројатно немаа значително влијание врз резултатите од истражувањето, бидејќи повеќето одговори беа добиени во првата половина на ноември, велат од Институтот. Тоа исто така значи дека сè уште не е јасно како банкротот на австрискиот гигант за недвижности Сигна Холдинг ќе влијае на расположението.

Треба да знаете
Последни објави