Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе продолжи да го поддржува Израел во војната со Хамас, но предупреди дека неговата земја треба да биде внимателна за „промената на ставот на светското мислење“ во напорите да го собори Хамас од власт.
-Ќе продолжиме да даваме воена помош додека не се ослободат од Хамас, но мора да бидеме внимателни. Целиот свет може да го промени јавното мислење преку ноќ. Не смееме да дозволиме тоа да се случи – рече Бајден синоќа во Белата куќа на приемот по повод еврејскиот празник Ханука.
Додека САД го притискаат Израел да стори повеќе за заштита на цивилите во Газа, Бајден рече дека не секогаш се согласува со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
– Како што реков по нападот, мојата посветеност на безбедноста на еврејскиот народ, безбедноста на Израел и неговото право да постои како независна еврејска држава е непоколеблива – заклучи Бајден.



