Брендот Зара денеска објави дека „жали за недоразбирањето“ по острите критики на социјалните мрежи дека нејзината рекламна кампања „The Jacket“ (Јакна) алудира на војната во Газа.
Многу корисници на социјални медиуми повикаа на бојкот на брендот, коментирајќи дека куклите со бели чаршафи и скулптурите без екстремитети во рекламата потсетуваат на труповите во Газа, а
скршениот бетон алудира на уништените згради во Газа.
Зара на Инстаграм изјави дека фотографиите се избришани, а кампањата е осмислена во јуни и фотографирана во септември, пред почетокот на војната на 7 октомври.

Оттаму додаваат дека скулптурите претставуваат недовршени дела во ателјето на скулпторот, со цел да се прикаже занаетчиското производство на облека во уметнички контекст.
„За жал, некои клиенти се почувствуваа навредени од овие фотографии, кои сега се отстранети, и во нив видоа нешто што беше далеку од она што беше целта кога беа направени“, рече Зара.
Зара, додаваат тие, жали за недоразбирањето и повторува „длабока почит кон сите“.
Кампањата за бојкот на Зара беше во тренд на мрежата Х.
Зара е првиот голем западен бренд кој направи ваков драстичен чекор по критиките.



