Пакистан: 22 полицајци загинаа во самоубиствен напад

Најмалку 22 полицајци загинаа, а 32 се ранети кога бомбаш-самоубиец денеска го активираше своето возило полно со експлозив на главната капија на полициската станица во северозападен Пакистан, јавува РСЕ.

Полицаецот Камал Кан рече дека и некои милитанти отвориле оган. Тој додаде дека размената на оган меѓу милитантите и безбедносните сили траела со часови пред да бидат убиени тројцата напаѓачи.

Властите најавија дека бројот на загинати во нападот најверојатно ќе биде поголем бидејќи дел од полицајците се во критична состојба.

– Телата на 22 убиени припадници на безбедносните сили се префрлени во болница – изјави високиот полициски функционер Мохамед Аднан.

Официјални лица рекоа дека полицијата започнала операции за пребарување во областа за да ги фати милитантите кои бегаат.

Нападот се случил во Дера Исмаил Кан, град во провинцијата Хајбер Пахтунхва што граничи со Авганистан.

Покраината претходно беше упориште на милитантната пакистанска талибанска група, позната и како Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП).

Новоформираната милитантна група Техрик-е-Џихад Пакистан (ТЈП), за која се верува дека е огранок на ТТП, ја презеде одговорноста за нападот во соопштение, велејќи дека цел биле полицајците во полициската станица.

Треба да знаете
Последни објави