Во денешното интервју во утринската емисија „Слободен печат” на Слободна ТВ, од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше побарано да даде оценка за организацијата на самитот на ОБСЕ, на што тој истакна дека со организацијата на самитот, државата и министерството покажаа сериозен капацитет за организација, реализација и преземени безбедносни мерки на ваков сериозен настан.
„Во однос на самата организација на самитот на ОБСЕ сакам да кажам дека тоа е најголем настан што се организирал во последните 30 години и тоа е чест за Република Северна Македонија, чест за граѓаните и институциите. Ние покажавме еден сериозен капацитет на организацијата на овој настан. Оценката не треба да ја дадеме ние, туку сите граѓани и сите оние коишто учествуваа на Самитот. Самиот факт дека имавме над 70 официјални делегации, над 1000 учесници на самитот, бараше сериозна посветеност во обезбедувањето на самитот, зачувувањето на безбедноста на јавниот ред и мир во државата и Скопје и да се обезбеди нормално функционирање на државата”, потенцираше министерот Спасовски.
Во однос на шпекулациите дека целата полиција била таму ангажирана, па поради тоа не се успеало да се спречи случајот со двојното убиство, министерот истакна дека таквите шпекулации се крајно тенденциозни, имајќи предвид дека постапувањето на полицијата не почнува и не завршува со некаков настан, полициските службеници се постојано на терен извршувајќи ги задачите на единицата на која припаѓа.
„Ангажманот на полицијата не престанува со организација на еден настан. Организацијата на обезбедувањето на овој самит на ОБСЕ беше под директно водство на одделот којшто се занимава со таа активност, а тоа е Одделот за заштита на определени личности и објекти, со помош на криминалистичката полиција, Одделот за организиран криминал, Одделот за воздухопловни единици, сообраќајната полиција… Меѓутоа, сите други сегменти функционираат нормално”, појасно Спасовски, додавајќи дека во другиот случај, Одделот за насилен криминал при СВР Скопје и одделенијата за криминалистички работи беа максимално ангажирани за негово расчистување. Тој посочи дека двата случаи немаат никаква допирна точка и никако не можат да се доведат во корелација.