Феникс Санс забележаа победа во дербито на Западот, против Голден стејт Ворирос 119:116. Мечот го реши Девин Букер од линијата за слободни фрлања на 10 секунди до крајот.
По натпреварот, најмногу се зборува за новиот дивјачки потег на Дрејмонд Грин. Крилниот кошаркар на Ворирос беше исклучен во третата четвртина откако по лицето го удри Јусуф Нуркиќ.
Додека тие се бореа за позиција, Грин делуваше како да ја губи рамнотежата, а потоа необјасниво се сврте и удри центарот на Санс.
Нуркиќ веднаш падна на паркетот, но подоцна стана и го продолжи натпреварот.
„Тоа нема никаква врска со кошарката. Само се обидувам да играм кошарка“, изјави Нуркиќ по натпреварот.
Што се однесува до Грин, од него дојде сосема неочекувана реакција.
„Како што знаете, не се извинувам за работите што имав намера да ги направам, но му се извинувам на Јусуф бидејќи немав намера да го удрам“, изјави Грин по мечот.
Грин, веќе пропушти пет натпревар оваа сезона поради суспензија. Минатиот месец беше исклучен откако на натпреварот Минесота-Голден стејт за врат го фати противничкиот центар Руди Гобер.