Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во утринското гостување во емисијата „Слободен печат“ рече дека МВР и понатаму постапува околу истрагата за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, за кој осомничени се пет лица, меѓу кои првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, поради тоа што „произлегуваат нови аспекти кои ќе мора да бидат разгледани, анализирани и да се обезбедуваат докази и информации“.
-Максимално посветено ќе постапуваме за се што Јавното Обвинителство ќе побара од нас, истакна Спасовски.
Тој додаде дека во истрагата за Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, МВР следело стандардни оперативни процедури.
-Во двата случаи се почнати и водени истраги според сите стандардни оперативни процедури од моментот на пријавата, па се до целосно расчистување. Морам да кажам дека полицијата ефикасно, многу брзо и посветено работеше на целиот овој случај. Сметам дека сите активности што се преземени се за почит. Сите што беа вклучени во истрагата од самиот почеток па до ден денеска, ја водат истата без штедење со цел да се разоткрие случајот и да се дознае вистината, рече Спасовски.