Спасовски: Членството во ЕУ ќе биде позитивно за граѓаните на земјава, визијата делумно ја исполнивме како дел од НАТО 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваше и се обрати на Шестта пленарна сесија на Национална конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина”.

Спасовски се обрати на првата панел дискусија на тема „Владеењето на правото-темелна општествена вредност: Патоказите и патиштата кон излезот од распаќето”.

„Eвропскиот пат на регионот на Западен Балкан без сомнение е високо на агендата на секој од нас, бидејќи граѓаните тежнеат да живеат во земји што се просперитетни, каде владеењето на правото е силно и корупцијата е искоренета. Токму владеењето на правото е еден од клучните сегменти кои гарантираат интеграција во Европската Унија, па во таа насока Министерството за внатрешни работи изминативе 20 години спроведе низа реформски процеси, поддржани од нашите партнери во ЕУ. Заеднички работиме кон постигнување на зацртаните цели во областа на владеењето на правото преку зајакната борба против организираниот криминал и корупцијата. Свесни дека за крупни реформи кои нашата земја ја придвижуваат напред, потребен е ангажман на сите, токму на овој начин, секој од чинителите во процесот реформата ја чувствува како своја и со сите сили настојува да ја реализира”, истакна министерот Спасовски во своето обраќање, изразувајќи ја гордоста за постигнатото во однос на реформите на безбедносните и разузнавачките служби.

Притоа, тој ја истакна успешноста во справувањето со илегална мигирација. „Успешно се справивме и со предизвикот кој го наметна  масовниот прилив на мигранти. Би сакал да нагласам дека од денешна перспектива акцентот го ставам на спроведувањето на енергични акции за сузбивање на мрежите на криминалци кои се дел од криумчарењето мигранти. Присутни сме во регионот, присутни сме во Европа, сите чинители обединето за една заедничка цел- елиминација на криминалот поврзан со криумчарењето на луѓе. Оваа појава сериозно наметнува безбедносни ризици, како за Западен Балкан, така и за целиот европски континент. Оттаму, многу голем дел од влоговите во усовршувањето на човечките и материјалните капацитети на министерствата беа насочени кон справување со овој организиран криминал”, рече Спасовски, споменувајќи го Договорот со ФРОНТЕКС кој е во сила веќе осум месеци и кој овозможува конкретна поддршка на терен за зачувување на безбедноста на границите. Воедно, тој потенцираше дека високо на агендата е елиминирањето на хибридните закани, тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата. Сите овие области се покриени и со стратешки документи кои содржат мерки и активности за зајакнување и унапредување на механизмите за нивно сузбивање. Проектираните мерки се реализираат од страна на сите надлежни институции, а на овој начин се вложува и во унапредување на меѓу-институционалната соработка. Ние, во Министерството за внатрешни работи, како носители на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, на дневна основа се стремиме во вистинска смисла на зборот да ги имплементираме европските вредности преку конкретна реализација во борбата со криминалот, а и преку активно учество во креирање стратешки политики.

Во однос на првиот дел, како и досега, со голем ентузијазам продолжуваме со започнатите реформи, а особено со неселективната борба против организираниот криминал и корупцијата, јакнењето на националните капацитети за борба против тероризмот и насилниот екстремизам и испорачување на конкретни, видливи резултати”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека од голема важност е Патоказот за владеење на правото.

„Секако, има уште многу работи кои треба да се направат, сите недостатоци од нашето работење нотирани во Скрининг извештајот и во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата детално се елаборираа и се преточија во мерки, содржани во новиот реформски стратешки документ- Патоказ за владеење на правото. Овој документ ја трасира патеката на реализација на реформите до членство во Унијата. Знаеме дека во новата методологија за проширување на Европската Унија во кластерот Фундаменти е и Поглавјето 24, а во него се содржани мерки и активности за континуирано усогласување со европските стандарди и пракси и креирање законодавство според европските регулативи”, рече Спасовски, истакнувајќи дека европската перспектива на земјата е наша следна задача, членството во ЕУ ќе биде позитивно за граѓаните на земјава, визијата делумно ја исполнивме и станавме земја членка на НАТО.

Треба да знаете
Последни објави