Петровска: Институциите да направат дополнителни проверки како тие некои лица се нашле на црната листа на САД 

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска на денешната конференција даде свој коментар за состојбата со корупцијата во државата, коментирајќи ги последните случувања и одлуките на САД за ставање на личности од Македонија на црната листа поради корупција. 

„Иако можеби не сум првоповикана да зборувам за корупцијата, меѓутоа како министерка за одбрана и пред се како граѓанин во оваа држава, ќе кажам дека за мене корупцијата претставува безбедносно прашање поради тоа што ако оттаму немате контрола на овој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого се ќе финансираат и во каков момент. Иако не се зборува за големи дестабилизации, сепак во даден момент, корупцијата може да ја дестабилизираат државата на било каков начин“, истакна министерката.

Петровска додаде дека очекува и сега, но и во иднина институциите во нашата држава кои се задолжени за борба против корупција правилно да реагираат, затоа што дури и објавувањето на имиња на црната листа на САД, значи дека треба да се направат дополнителни проверки од страна на институциите, како тие луѓе се нашле на листите.

Министерката надополни и дека се работи на измена на законодавството со коешто во иднина, за лицата кои ќе се најдат на црни листи или на било каков начин ќе претрпат санкции, без разлика дали од ЕУ или од нашите стратешки партнери, ќе може без одлагање да бидат преземени мерки и во нашата држава.

„Конечна борба или конечна победа против корупцијата никој не постигнал, но тоа не значи дека треба да даваме изговори туку напротив треба да даваме решение и да покажеме активности. Без разлика колку понекогаш е тешко да ги донесеме одредени одлуки, сепак верувајте дека европската интеграција на нашата држава, и преминувањето на оваа точка во која во моментов стоиме, е вистинското решение и за борбата против корупцијата и за подобрување на состојбите во целото општество. Само со мало приближување, кое ние го направивме со завршувањето на процесот на скринингот и одржувањето на првата меѓувладина конференција, многу голема поддршка се отвори и ѝ се даде на Република Северна Македонија како во финансиска, така и во секаква смисла, во делот на подобрување на процесите внатре во државата. Евроинтеграцијата не ја правиме заради големите земји, не ја правиме затоа што тоа некој го бара од нас, туку тоа го правиме како резултат на поддршката која граѓаните во оваа држава ја даваат“, заврши Петровска.

Треба да знаете
Последни објави