Политиката на проширување на ЕУ, која е една од главните теми на дводневниот Самит на Унијата што започна вчера во Брисел, според европските лидери, претставува најсилната геополитичка и стратешка инвестиција насочена кон иднината и кон мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа.
Но, сепак, тоа е процес базиран на заслуги и исполнување на критериумите и преземените обврски, па затоа според премиерот Димитар Ковачевски не треба да се самозалажуваме и да ги залажуваме граѓаните за некакви промени на Преговарачката рамка или на процесот на проширување, затоа што од тоа никој нема да има корист.
– Штом бидат спроведени амандманите на Уставот во Северна Македонија, што се од техничка природа, бидејќи нема никаква забелешка во однос на амандманите, тогаш ќе биде одржана втората Меѓувладина конференција.
Секако дека овој прозорец на можност којшто го имаме до изборите во Северна Македонија и во ЕУ не треба да се пропушти, изјави Ковачевски, кој престојуваше во дводневна работна посета на Брисел, во чии рамки учествуваше и на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Според премиерот, неговата посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку и можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека продолжуваме по европскиот пат, но се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
– Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство.
Свежи ни се сеќавањата на 11-те години владеење со лажен патриотизам и популизам, што доведе до целосно заробена држава.
Нека им служи на чест на овие партии, а на граѓаните да им служи на ум, додаде Ковачевски.
Сепак, според него, и покрај сето ова, во Брисел за нашата држава имаше позитивни дискусии и натамошна поддршка од европските лидери на трасираниот пат кон Унијата, затоа што, како што нагласи, нашата единствена алтернатива е ЕУ и ние нема да отстапиме од европскиот пат.
Ковачевски истакна дека Владата работи напорно на остварување на стратешката цел – членство во ЕУ до 2030 година и обезбедување подобар и достоинствен живот, повисоки плати и пензии, повеќе пари за граѓаните, подобар животен стандард, подобро образование, здравство.
. . – Како никогаш досега, постои подготвеност проширувањето на ЕУ да се случи.
Тоа отсекогаш имало геополитички аспект, но во овие моменти суштински ќе ја зајакне европската безбедност и стабилност.
И тој процес на пристапување може да биде забрзан, но тоа ќе биде засновано на заслугите на секоја земја поединечно, додаде Ковачевски.
Во Завршната декларација на Самит ЕУ-Западен Балкан, Унијата ја потврди својата целосна и недвосмислена посветеност за перспективата за членство на земјите од регионот во ЕУ и повика на забрзување на процесот на пристапување, врз основа на веродостојни реформи, фер и ригорозни услови и врз принципот на индивидуални заслуги.
– Проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.
ЕУ ја поздравува решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да се заложат за основните европски вредности и принципи.
ЕУ, исто така, ја поздравува повторената посветеност на партнерите од Западен Балкан за приматот на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото, се додава во Декларацијата.
Во документот се истакнува и посветеноста на доближување на земјите од регионот до ЕУ и унапредување на нивната постепена интеграција, подготвувајќи го теренот за пристапување и донесувајќи конкретни придобивки за нивните граѓани веќе за време на процесот на проширување.
– Во овој контекст, ЕУ ги зема предвид предлозите дадени од Комисијата во Планот за раст за Западен Балкан, кои треба да овозможат социо-економска конвергенција, исто така, преку забрзување на неопходните реформи, привлекување странски инвестиции и унапредување на регионалната економска интеграција преку заедничкиот регионален пазар, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ.
ЕУ е подготвена да ги испита предлозите дадени во Планот за раст за зајакнување на економската интеграција на Западен Балкан со ЕУ, се наведува во Декларацијата.
На вчерашниот прв ден на Самитот на ЕУ, при дебатата за процесот на проширување, лидерите на земјите членки на ЕУ донесоа одлука за старт на преговори за членство со Украина и Молдавија, и доделија кандидатски статус на Грузија и решија за Босна и Херцеговина да остане условената препорака за почеток на пристапните преговори.
– Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Украина и Молдавија, објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на платформата Икс.
Според него, Советот на ЕУ решил и да и додели статус на земја кандидат за членство на Грузија, додека во однос на БиХ останува условената препорака за старт на преговорите.
– ЕУ ќе ги отвори преговорите со Босна и Херцеговина, откако ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство и ја повикува Комисијата да поднесе извештај до март со цел да се донесе таква одлука, додаде Мишел во објавата, посочувајќи дека ваквите одлуки се јасен сигнал за надеж за народите на овие земји и за европскиот континент.
Во заклучоците од Самитот на ЕУ за проширувањето се посочува дека Европската Унија е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во одлуките на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.
– Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени, се наведува во документот.
Потврдувајќи ја својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на земјите од Западниот Балкан во Унијата, лидерите на ЕУ воедно повикуваат на забрзување на процес на нивно пристапување во блокот.
– Европскиот совет го нотираше дописот на Комисијата за новиот План за раст на Западниот Балкан, чија цел е да се забрза социо-економското поврзување меѓу Западниот Балкан и Европската Унија врз основа на строги услови и го охрабрува регионот да го забрза темпото на реформи поврзани со ЕУ и да ја унапреди регионалната економска интеграција преку заеднички регионален пазар, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ, се додава во заклучоците.
Во документот се нагласува и дека Европскиот совет останува посветен на унапредување на постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот за време на самиот процес на проширување на реверзибилен начин заснован на заслуги.
– Европскиот совет подвлекува дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.
Тоа е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, за намалување на разликите меѓу земјите и мора да ги поттикне вредностите на кои е основана Унијата.
Гледајќи кон перспективата за понатамошна проширена Унија, и идните земји-членки и ЕУ треба да бидат подготвени во моментот на пристапување. Работата на двете патеки треба да напредува паралелно.
Кандидатите за членство треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснована на заслуги и со помош на ЕУ, се наведува во заклучоците.
Инаку, покрај проширувањето, меѓу темите на Самитот на ЕУ се и најновите случувања со руската агресија врз Украина и европската поддршка за земјата и украинскиот народ, ситуацијата на Блискиот Исток, предложената ревизија на повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, прегледот на напредокот во спроведувањето на претходните заклучоци поврзани за безбедноста и одбраната и конкретни прашања поврзани со надворешната политика на Унијата.