Во Царина нов едношалтерски систем што ќе ја олесни трговијата

Започнуваме амбициозен проект за модернизација на процесите за издавање лиценци и дозволи што се користат при царинење, со цел да се олесни трговијата, да се подобри контролата и безбедноста на стоките и да се намалат трошоците за компаниите. Единствениот национален едношалтерски систем има за цел да ги дигитализира процесите така што македонското стопанство повеќе нема да поднесува документи до неколку органи, при што сите процеси за издавање дозволи ќе се одвиваат на едно место. Со воспоставување на новиот национален  едношалтерски систем македонското стопанство ќе биде поконкурентно на меѓународниот пазар. Ова беше истакнато од страна на високи претставници на Царинската управа на третиот Управувачки комитет за имплементација на Новиот едношалтерски систем, а чиј претседавач е вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. 

Досега се работеше на усогласување на функционалностите на системот, при што во скоро време проектот ќе се презентира пред бизнис заедницата.

Воедно беше потенцирано дека потребно е процесот да се одвива на највисоко ниво, со забрзана динамика од страна на сите гранични институции се со цел успешно спроведување на проектот којшто практично е дел од реформите за олеснување на трговијата и поттикнување на растот и вработеноста во државата. Имплементацијата на системот како дел од Проектот на Светска банка за забрзување на транспортот и трговијата во Западен Балкан ќе овозможи забрзана интеграција во ЕУ. 

Анастас Маженковски, помошник директор на Сектор за информациски и комуникациски системи, рече дека новиот национален едношалтерски систем ќе им овозможи на стопанствениците и трговците сите информации и податоци за увоз, извоз и транзит наместо на неколку места да ги поднесуваат на едно место со што ќе заштедат средства и време.  

На овој начин Царината и другите гранични институции ќе можат колективно да ги користат податоците од овој систем, со што ќе се подобри меѓусебната соработка и ќе се подигне нивото на услуги кон македонското стопанство.

Треба да знаете
Последни објави