На плоштадот Македонија денес се почна со новогодишното украсување, а новогодишни реквизити деновиве се поставуваат и на најпрометните булевари и улици во градот.
Според најавите од Град Скопје, главниот град и годинава ќе блесне со новогодишна магија, а на плоштадот „Македонија“ веќе се поставени дрвените куќарки во кои ќе се продаваат топли напивки, храна и дреболии.
Со украсување започнаа и големите трговски молови, како и други институции кои секоја година „помагаат“ главниот град барем малку да залични на светските метрополи за новогодишните празници.
За разлика од повеќето општини во Скопје кои годинава не посветија внимание на украсувањето и развеселување на атмосферата, Општина Центар веќе го заврши новогодишното украсување со поставување новогодишни елки, светлосни фигури, украсни ЛЕД-светилки и други новогодишни украси на повеќе локации на своја територија. Украсувањето започна од улицата „Орце Николов“, па продолжи кон улиците „Боемска 1“ и „2“, каде што на неколку локации е поставена мрежа со светилки, светлосни фигури на бандери, ѕвездено небо и деветметарска новогодишна елка. Украсен е и скверот пред Општината, каде што има поставено мрежа со светилки на сите дрвја, светлосни фигури, забавен парк и дрвени куќички.