Тинејџерот кој се појави шест години по исчезнувањето, вели дека бил киднапиран од неговата мајка

Алекс Бати, 17-годишен британски тинејџер кој се појави шест години по исчезнувањето во Шпанија, изјави дека бил киднапиран од неговата мајка, пренесуваат британските медиуми.

Тој се појавил во средата наутро во градот Ревел, во близина на Тулуз, на југот на Франција, каде што бил донесен во полициската станица од загрижен возач на комбе.

Алекс исчезна во 2017 година, додека беше на одмор во Шпанија со својата мајка и дедо.

Тие немаат старателство над него и се бараат поради исчезнувањето на Алекс. Старателството над детето имала неговата баба Каруана.

Британскиот тинејџер е сместен во младински центар во Тулуз и ќе се врати во Британија со полицајци и конзуларни службеници.

Полициски извори изјавија дека момчето било одведено во полициска станица од возач на комбе кој го забележал на пат во подножјето на Пиринеите во средата рано наутро.

Првото нешто што му рекол е: „Мајка ми ме киднапираше кога имав 12 години“, пишува лондонски „Сан“.

„Тој објасни дека пешачел четири дена“, рекол возачот и додал дека планот на тинејџерот бил да отиде во амбасада и да побара помош.

Колку што е познато, Алекс живеел во оддалечените долини на Пиринеите, патувајќи од место до место во еден вид „патувачка комуна“.

Областа во подножјето на Пиринеите е позната по привлекување луѓе во потрага по алтернативен начин на живот.

Алекс, од Олдам во близина на Манчестер, не можел да каже каде е неговата мајка или каде точно живеел на Пиринеите.

Баба Каруана изјави во 2018 година дека верува дека мајката на Алекс, Мелани Бити и дедото Дејвид Бити го однеле да живее во „духовна заедница“ во Мароко.

Каруана тогаш изјави дека тие бараат алтернативен начин на живот и дека не сакаат Алекс да оди на училиште.

Мелани и Дејвид Бити ја напуштија Британија со Алекс на однапред договорен неделен одмор во Марбела, Шпанија на 30 септември 2017 година.

Алекс последен пат беше виден во Малага на 8 октомври истата година, денот кога се очекуваше да се вратат во ОК.

Тим од британска полиција и конзуларен персонал се очекува да го земе Алекс и да го врати во ОК.
„Ова е сложена и долга истрага и треба да спроведеме дополнителни истраги, како и да воспоставиме соодветни заштитни мерки“, рече портпаролот.

Треба да знаете
Последни објави