Националната развојна стратегија, ни дава јасна и консензуална визија за развој на државата во следните 20 години и ова за мене е еден од најважните процеси кој веќе е пред крајот и набрзо ќе треба да биде изгласана од Собранието, истакна вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во интервју за порталот Фактор.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека на овој важен документ, се работело долго и опсежно, со голем степен на инклузивност, каде особено важна улога им се дала на младите луѓе, затоа што според него, Националната стратегија е пред се за младите луѓе и идните генерации.
„На јавни дискусии се презентира првиот драфт на Националната развојна стратегија. Како што веќе споменав, после долг процес на консултации и мапирање на ресурси и приоритети, јасно се исцртаа шест стратешки области: Одржлива, иновативна и конкурента економија, Одржлив локален и регионален развој кој обебедува кохезија, Демографска ревитализација и социјален и културен развој, Владеење на правото и добро управување, Сигурно, безбедно и отпорно општество и шестата стратешка област е Зелена трансформација.
Секоја од овие области е детално разработена со главните точки за напредок и со тоа кои процеси се веќе започнати, што тие опфаќаат и што значат. Многу ни беше важно Националната развојна стратегија да не е изолиран документ, туку тој да е жив и во него да ги инкорпорира сите активни процеси во државата, и тоа е постигнато. Националната развојна стратегија е еден вид чадор над сите процеси во државата, но и глобални, како постигнувањето на глобалните цели за развој, евроинтегративните процеси, климатските промени и адаптација кон нив. Сметам дека имаме навистина зрел производ.
По последните консултации кои во моментов течат, Националната развојна стратегија ќе биде презентирана на владина седница, а потоа ќе треба да се изгласа и во Собранието што ќе значи нејзино усвојување. Во целиот овој процес Собранието имаше активна улога преку пратеничките групи и нивните претседатели и претседатели на комисии, вклучително и самиот претседател на Собранието кој вистински се залагаше за овој процес, па оттаму очекувам пратениците да ја изгласаат Националната развојна стратегија 2024 – 2044. “ порача Битиќи.