Утрово во 7 часот во Србија почнаа републичките, покраинските и 65 општински и градски избори, меѓу кои и во Белград.
Своето право на глас можат да го остварат 6.500.666 запишани избирачи на 8.273 избирачки места.
Избирачките места се затвораат во 20:00 часот, до кога трае изборниот молк.
Изборите во Србија денеска ќе ги следат 5.587 домашни и странски набљудувачи, меѓу кои девет домашни здруженија и 25 меѓународни организации и странски држави, што е рекорден број на локални и странски набљудувачи.
Изборите ќе ги надгледува и набљудувачката мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), која, како што претходно беше најавено, вклучува 250 набљудувачи кои се задолжени за надзор на активностите на денот на изборите, додека 30 долгорочни набљудувачи го следи целиот изборен процес во државата.
Освен тоа, изборите во Србија ќе ги следи и Меѓународната фондација за изборни системи, потоа Парламентарното собрание на ОБСЕ, со околу 75 набљудувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Делегацијата на Европската унија во Србија, Европскиот парламент, потоа амбасадите на Норвешка, Швајцарија и Холандија.
Сите набљудувачи ќе имаат можност да ги додадат своите коментари за сите забележани нерегуларности во записникот за набљудување избори по избирачки места.