Најмалку 13 лица загинаа во аргентинскиот град Баија Бланка, изјави градоначалникот на овој крајбрежен град, откако силна бура го погоди атлантскиот брег на оваа јужноамериканска земја.
Федерико Сусбиелс, градоначалникот на Баија Бланка, ја потврди бројката на загинати во објава на социјалната мрежа Х.
Градот се наоѓа во близина на јужниот крај на провинцијата Буенос Аирес, еден од регионите во Аргентина со најголемо производство на жито.
Кабинетот на новиот аргентински претседател Хавиер Милеи преку соопштение изрази сочувство до семејствата на жртвите и им препорача на жителите да останат во своите домови до денеска наутро, предупредувајќи на разорните налети на ветровите во областа што надминуваат брзина од 150 километри на час.