Денеска по кратко боледување почина еден од доајените на македонското новинарство Предраг Димитровски (1959-2023). Димитровски е новинар со над 30 години искуство во новинарството. Голем дел од својот работен век го помина во весникот „Вечер“ каде работеше како новинар и уредник во политичка рубрика. Од 2005 до 2006 година беше и главен уредник на весникот. Како новинар и уредник работеше и во дневниот весник „Дневник“.
Последните години од работниот век ги помина во „Република“ и „Пресинг ТВ“ , каде што специјалност му беа теми позврзани со односите со Бугарија. Беше член и во Лустрациската комисија и одговорен за односи со јавност.
Новинарите кои работеа со Димитровски на него се сеќаваат како смирен, умерен, колегијален новинар, колега со кој беше задоволство да се работи.
Димитровски е добитник на наградата за долгогодишен придонес за професионално известување во професијата од МАН.