Палестинската милитантна група Хамас објави дека нема да се согласи на друг договор за ослободување на заложниците што ги држи во Газа, освен ако, како што вели, е крај на „израелската агресија“ врз Појасот Газа.
„Го потврдуваме нашиот став дека нема да отвориме никакви преговори за размена на затвореници доколку еднаш засекогаш не престане агресијата врз нашиот народ“, се наведува во соопштението на Хамас.
Се додава дека Хамас им го пренел овој став на посредниците, пишува Тајмс оф Израел.
Милитантната група Исламски џихад, исто така, рече дека договорот за ослободување на заложниците ќе се разговара само по општ прекин на огнот.
„Подготвени сме да размениме затвореници, но по општ прекин на огнот. Ние сме посветени на тој услов“, изјави претставникот на Исламски џихад.