Балканскиот картел неделава загуби 11 тони кокаин

Неделава балканскиот картел загуби 11 тони кокаин кој шпанската полиција го заплени во две одвоени акции. Последните две заплени се само продолжение на серијата полициски акции во кои во таа земја беа откриени неколку тони кокаин, во најголем дел сопственост на балканскиот картел, кој и покрај апсењето и конфискацијата на поголема количина на наркотици, очигледно успева да се консолидира и да продолжи со својот бизнис.

Кокаинот кој шпанската полиција го заплени неделави, биле скриен во пратки со замрзната туна од Латинска Америка. Како што пренесуваат шпанските медиуми, во таа прилика биле уапсени 20 лица поврзани со две балкански криминални организации. Во соопштението на шпанската национална полиција се наведува дека кокаинот е запленет при операции во пристаништата Виго, на северот на Шпанија и Валенсија, на истокот на таа земја. Во пристаништето Виго се запленети 7,5 тони кокаин, додека во пристаништето Валенсија 3,4 тони дрога.

Полицијата соопшти дека дрогата била наменета за европскиот пазар. Како што е соопштено, под лупа на истражителите е и компанијата која увезувала замрзната туна со кокаин, бидејќи властите имаат докази дека нејзините менаџери не само што биле свесни за тоа што се случува, туку биле и дел од целата зделка.

Како што пренесуваат локалните медиуми, дел од товарот во шпанските пристаништа бил детално прегледан со помош на скенерот на Даночната управа. Но, на ниту еден од контролните пунктови не можеше да се открие дрогата, која беше добро спакувана и скриена меѓу рибите. Дрогата била подготвена во Колумбија, а во Шпанија била доставена во контејнери преку Еквадор и оставена еден месец во пристаништата Валенсија и Виго.

Полицијата соопшти дека тоа е најголемата количина досега запленета во Галиција, шпанскиот атлантски регион, која шверцерите ја користеле со децении за дистрибуција на дрога во Европа. Шверцерската мрежа основала компанија за увоз и трговија на замрзната стока од различни делови на светот и за инвестирање во недвижности, а компанијата ја користела како параван за шверц на дрога.

Треба да знаете
Последни објави