Ел Салвадор издава обврзници во биткоини

Ел Салвадор ќе издаде обврзници во криптовалутата биткоин во првиот квартал од следната година.

Ел Салвадор е првата земја во која биткоинот стана легално средство за плаќање.

-Обврзницата Вулкан штотуку доби регулаторно одобрение од Комисијата за дигитални средства (CNAD). Очекуваме дека обврзницата ќе биде издадена во првиот квартал на следната година – објави Националната биткоин канцеларија на Ел Салвадор, која управува со сите проекти поврзани со криптовалути, преку социјалната мрежа X.

Биткоинот стана законско средство за плаќање во Ел Салвадор во 2021 година, заедно со американскиот долар.

Претседателот на оваа централноамериканска земја, Најиб Букеле, се обиде да користи биткоини за да им олесни и поевтини на жителите на Салвадор да добиваат дознаки и да обезбеди пристап до финансиски услуги за 70 отсто од луѓето кои немаат банкарска сметка.

Мерката беше цел на критики во земјава и во странство.

Според резултатите од истражувањето спроведено во мај од Универзитетот во Централна Америка, 71 отсто од жителите веруваат дека криптовалутите не помогнале за подобрување на финансиската состојба на нивните семејства.

Властите на Ел Салвадор планираат да финансираат изградба на биткоин град со вулкански обврзници. Тој би се наоѓал на истокот од земјата, а би се напојувал со геотермална енергија од блискиот вулкан. Букеле ги откри плановите за Биткоин Сити во 2021 година.

Градот ќе биде делумно изграден со најмалку една милијарда американски долари во вулкански обврзници, рече тогаш салвадорскиот претседател.

Владата на Ел Салвадор објави дека купила 2381 биткоини. Последното купување е направено во јули 2022 година, кога купиле 80 од нив.

Според предвидувањата на Букеле, Ел Салвадор требаше да купува по еден биткоин дневно почнувајќи од 17 ноември минатата година, но владата не откри дали навистина се држи до планот.

Треба да знаете
Последни објави